Обука за одржлив туризам и алтернативна мобилност во рамките на проектот BalkanVelo

Обука за одржлив туризам и алтернативна мобилност во рамките на проектот BalkanVelo

Во периодот од 16 до 18 септември 2026 година, во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, се реализираше тридневна обука во рамките на проектот „Balkan alternative mobility routes for sustainable all-season tourism“ – BalkanVelo. Обуката беше посветена на унапредување на знаењата и практичните вештини поврзани со управувањето со туризмот, развојот на нови туристички форми и примената на алтернативна и одржлива мобилност.

Преку предавањата и практичните активности, учесниците се запознаа со можностите за креирање и развој на одржливи туристички производи, како и со начините за подобро искористување на природното и културното наследство, локалните традиции и постојните туристички услуги. Во фокусот беа и квалитетот на туристичката услуга, комуникацијата со посетителите и безбедноста, како значајни аспекти во создавањето квалитетна и одржлива туристичка понуда.

Составен дел од обуката беше и теренската посета на селото Серменин, каде што учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со активностите што се реализираат во рамките на BalkanVelo. Во Серменин се спроведуваат активности за реконструкција и уредување на старото училиште, кое е предвидено да биде пренаменето во мултимедијален туристички центар. Паралелно се реализира и изградба на нова велосипедска патека, која ќе придонесе кон создавање нова туристичка содржина и унапредување на условите за развој на велосипедскиот и активниот туризам.

Развојот на овие содржини во Серменин е дел од поширокиот пристап кон диверзификација на туристичката понуда на Општина Гевгелија, преку поврзување на природното и културното наследство со нови форми на активен и одржлив туризам. На овој начин се создаваат услови за поголема туристичка активност и престој на посетителите во текот на целата година.

Проектот „BalkanVelo“ се реализира во рамките на Interreg VI-A IPA Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021–2027. Општина Гевгелија е проектен партнер, додека Општина Разлог од Република Бугарија е водечки партнер во проектот.

петок, 18 септември 2026 г.
  • Обука за одржлив туризам и алтернативна мобилност во рамките на проектот BalkanVelo - image 1
  • Обука за одржлив туризам и алтернативна мобилност во рамките на проектот BalkanVelo - image 2

Останати објави